Вечерва во Штип, хуманитарен концерт во сеќавање на Тоше Проески
Вечерва „градот под Исарот“ ќе пулсира во ритамот на музиката на Тоше Проески. Штип по втор пат со концерт во Дом на млади ќе му оддаде почит на човекот што остави неизбришлива трага зад себе. Концертот е од хуманитарен карактер, а преку ден се организира и крводарителна акција под мотото „биди хуман како Тоше“.
- Сите знаеме колку хуман беше тој и каква мисија имаше, па сето тоа на еден мал начин да го продолжиме. Поканети се сите крводарители, сите оние кои сакаат да даруваат од скапоцената течност. Вечерва стартува официјалниот дел од концертот. Го отвораат дечињата од детскиот фестивал Весело Штурче, со хорска изведба на две песни од Тоше, изјави Горан Стаменков, организатор на концертот.
На подиумот во Дом на млади на отворена сцена ќе настапат 16 македонски интерпретатори кои ќе изведат исто толку композиции од Проески.
- Годинава успеавме да ја договориме српската пејачка Александра Радовиќ, која на „драго срце“ ја прифати поканата и исто како и нашите артисти ќе настапи со неколку песни од Тоше, додаде Стаменков
- Ги поканувам сите оние што можат да дојдат, да пристигнат во што е можно поголем број. Да си поминат релаксирано, да погледнат една убава програма, да се потсетиме на се она што тој го пееше, изјави Бени Шакири, музичар
Штип ќе пее, ќе дарува и ќе се сеќава – со љубов, како што Тоше живееше, почетокот е закажан за 20.00 часот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар