Македонија
18. February 2026 - 12:26

Вечерва во Струмица започнуваат карневалските свечености

Со симболичното предавање на клучот на градот во рацете на карневалскиот одбор, вечерва и официјално започнуваат осумдневните карневалски свечености во Струмица. Градот веќе живее во духот на традицијата и маските, а додека се одбројуваат часовите до почетокот на главната карневалска вечер, струмичките карневалџии деноноќно работат на комплетирање на новите маски. Во карневалските работилници буквално врие од луѓе кои рачно ги изработуваат и најситните детали.

Повеќе од три децении, уште од самиот почеток на организираната форма на карневалот, учествува и здружението Струма, кое својата маска ја подготвува во три различни работилници.

Редовни учесници на струмичкиот карневал се и членовите на карневалската група Мулен Руж. Тие веќе еден месец интензивно работат на новата маска, за која најавуваат дека и годинава ќе остави силен впечаток и ќе испрати силна порака.

Карневалските свечености ќе траат до 25 февруари со богата програма и бројни настани. Главната карневалска вечер е закажана за сабота, 21 февруари, кога во официјалната поворка се очекува да продефилираат повеќе од илјада маскирани учесници. Една од новините годинава е и големата забава на отворено со светски познатиот Кирил Џајковски.