Велигденска порака на скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов

Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, по повод празникот Воскресение Христово - Велигден упати порака, која ја пренесуваме во целост.
ВЕЛИГДЕН Е БОЖЈИ ДАР
Како и во претходните години, така и оваа година, за жал, додека се подготвуваме да го прославиме празникот Воскресение Христово, слушаме вести што ни доаѓаат од еден немирен свет. Светиот отец Лав XIV зборува за овие конфликти како за „рана“ нанесена на целото човечко семејство, која остава лузни врз луѓето со генерации. На Блискиот Исток крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата на која беше пролеана, а конфликтот повторно се разгоре ширејќи се во соседните земји, со епизоди на насилство и уништување, кои шират омраза и страв, што предизвикува загриженост. А христијаните во овие земји како „мало стадо“ се обединети во човечко братство со сите луѓе од воено конфликтните подрачја, кои заедно доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за своите животи. Среде ваква вознемиреност, папата Лав постојано повикува на молитва за мир и напори да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да му се даде можност на дијалогот во кој може да се слушнат гласовите на народите.
Драги браќа и сестри, и ние сме мал народ во големото човечко семејство, па на меѓународно ниво нашето мислење тешко ќе може да се пробие во „игрите“ резервирани само за големите и силните, а како католичка заедница во нашата татковина претставуваме малобројност, па затоа нема да биде лесно нашата заложба за градење мир да продре, но сепак имаме голема сила што може да направи големи работи. Оваа сила е и наше богатство, а тоа е Исус Христос, кој, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме.
За ова сведочат светли личности од историјата на нашата Црква, како што е нашата светица Света Мајка Тереза од Колката, родена тука, во Скопје, која еднаш кога беше прашана што направила „големо“, таа одговорила дека не прави големи работи, туку „мали работи со голема љубов... Она што го правиме е само капка во океанот. Но, без нашата работа океанот би бил посиромашен за таа капка“. Ова е вистината што нè води.
Ние сме семе посеано на огромно поле, семе што раѓа изобилен плод. Ние сме семе на сочувство и љубов, а преку нас Бог е присутен на овој свет. Следејќи го примерот на својот Учител и Господ, христијаните ја добиле власта да бидат знак за светот во негово име и повикани се да им понудат помирување на сите луѓе упатувајќи ја својата молитва на благодарност кон Бога во името на сите. Како христијани, ние можеме да бидеме светлина за луѓето на нивниот пат кон Бога.
Нека воскреснатиот Господ навистина нè води и нè обликува според Неговата волја за да бидеме вистински сведоци на Оној што умре и воскресна за нас!
На сите вас ви посакувам честит празник Воскресение Христово - Велигден - Христос воскресе!
Ваш бискуп/епископ
+ Киро Стојанов
МИА
Ново на Сител
-

Flex Group ја лансира Flex Group Leadership Academy – стратешка иницијатива за развој на лидерството во организацијата
-

Туризмот се стабилизира по кризата, но вниманието кај патниците останува
-

Заматена водата за пиење во Кавадарци и Неготино поради дождовите, потребно е да се преврива
-

Македонскиот народен театар одбележува 81 година
-

Зеленски: Ситуацијата на бојното поле е најдобра во последните 10 месеци
-

Секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора и обратно, најави Андоновски
-

Во штипскиот Основен суд продолжи судењето против обвинетиот Денис Асанов за извршено убиство
-

Иран собори борбен авион Ф-35 со нов одбранбен систем
