Македонија
10. February 2026 - 16:49

Вештак од Словенија открил низа пропусти во лекувањето онколошки пациенти во Македонија

Непотребни хемотерапии, лекови без медицинска индикација и менување терапии без никакво образложение – ова се дел од пропустите што ги утврди онкологот Маја Равник од клиничкиот центар во Марибор анализирајќи ги историите на онколошки пациенти лекувани од тројцата доктори кои се гонат за несовено лекување.

Според вештачењето, и покрај тешко влошената здравствена состојба на пациентите, обвинетите онколози продолжувале со примена на хемотерапија, која, како што вели докторката од Словенија, директно го загрозувала нивниот живот.

Во медицинската документација според Равник, недостасувале објаснувања за честите промени на терапијата, а на дел од пациентите хемотерапија им била давана и на само неколку денови пред смртта.

„Пациентите за само два и пол месеци примале и по четири различни терапии, а во толку краток период, ниту една од нив не можела да развие каков било ефект“, изјави Маја Равник, Доктор во Клинички центар – Марибор.

Одбраната ги оспорува вештачењата, се темели на европски протоколи кои во Македонија се уште не се одобрени и не се задолжителни за онколозите. Во таа насока, Фондот за здравствено осигурување на крајот од минатиот месец испратил допис и до Министерот за здравство.

„Сметам како бранител дека македонски лекар не може да одговара за европски процедури кои не се дел од правниот поредок на Македонија и не се дел од здравствениот систем на државата“, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокат. 

Словенечката лекарка до петок во судница пред тројцата обвинети онколози, Васев, Црвенкова и Јакимовски ќе продолжи со анализа на начинот на кој лекувале своите пациенти. Идниот месец, тоа ќе го прават и доктори од Србија.