Висок ризик за пожари во цела држава: Како функционира Македонскиот информативен систем за шумски пожари?
Многу висок ризик за пожари скоро во целата држава, нотира Македонскиот информативен систем за шумски пожари. Сателитската снимка денеска го означи пожарот кај Македонски Брод, поточно огнената стихија кај селата Црешнево, Локвица и Крапа, како најкритичен.
Огнената стихија голта мешана шума кај велешко кај селата Џидимирци – Крушје - Иванковци. Гори и кај општина Василево, а пожарот кај село Николиќ во Дојран е ставен под контрола.
Висок ризик за пожари денеска има во западниот дел на земјата и кај Струмица. Среден ризик е забележан кај Осоговсктие планини. А на Шара ризикот за пожар е низок до среден.
Екипата на Сител денеска присуствуваше на обуката во Центарот за управување со кризи – каде нова група вработени учи како да евидентира пожари со една цел – да има единствен архив за да се направи проценка на изгорена шумска површина.
Дневните мерења покажуваат дека повисоките предели имаат висока сувост, што укажува на присуство на многу сува и запалива вегетација. Од ЈП Национални шуми чии вработени имаат за задача да проценат колку хектари на шуми е изгорена, се уште немаат направено вакви пресметки откако е започната сезоната на пожари. Ќе излезат на терен откако стихиите ќе стивнат, а теренот ќе биде безбеден.
Податоците на Европскиот информативен центар пак нотираат дека лани пожарите пеплосале 3,7% од територијата на земјата. Во меѓувреме, првиот човек на полицијата кажа дека се уапсени 20-тина лица за предизвикување на пожари. Тврди дека поседуваат и силни докази дека најголемиот дел од пожарите во државата се подметнати.
Властите апелираат до граѓаните да ја почитуваат забраната за движење во шуми без дозвола. Во спротивно, предупредуваат дека прекршувачите на мерката ќе се соочат со казна од 1.500 до 2000 евра.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар