Македонија
21. April 2026 - 16:31

Владата одлучи: Вештачките ѓубрива со маржа до 5%, органските до 10%

Владата ги ограничи маржите на ѓубривата. Неогранските ѓубрива ќе се продаваат со најмногу 5% маржа во трговијата на големо и мало. Органските, органоминералните ѓубрива и биостимулаторите, пак, се ограничени на најмногу 10%.

Ова доаѓа по анализите на Државниот пазарен инспекторат кои покажале дека досегашните маржи се движеле од 15 до 60%, а кај органските ѓубрива профитот достигнувал и до енормни 70%.

Дополнително, продавниците кои веќе имаат ѓубриво во своите магацини купено по стари цени, мора веднаш да ја спуштат цената за 10%.

Донесена е одлука и за постојано снабдување.

„Се воведува и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива - трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70 отсто од просечните количини набавени во 2026 година, додека тргвоците на големо да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини“, кажа министерот за земјоделство Трипуновски.

Мерките стапуваат во сила веднаш и ќе важат до крајот на мај. Како што кажа Трипуновски, донесени се по разговорите со увозниците на ѓубрива и инспекциските контроли кои покажале дека веќе има поскапување.  Целта е да се спречи недостаток на пазарот, а земјоделците да се заштитат од неоправдан раст на цените.

Глобалната криза со ѓубриво е последица на војната на Блискиот исток и затворањето на Ормутскиот теснец. Низ овој премин минуваат над 30% од светските пратки на уреа, околу 20% од азотните и фосфатните ѓубрива и речиси половина од светскиот сулфур. Експертите веќе предупредија дека без клучните азотни ѓубрива, глобалното производство на храна би се намалило за една третина.