Владата повторно ќе воведе „Училишната кошничка“ за да не поскапи цел прибор пред први септември
Владата повторно ќе воведе „училишна кошничка“. Премиерот Мицкоски најави мерки со цел да се спречи поскапување на школскиот прибор пред да почне новата учебна година. Од Mинистерството за економија за Сител велат дека кошницата се уште се обработува и дополнува. Опфатени се ранци, тетратки, блокови, моливи и пенкала, фломастери и боици…
„Се анализираат цените. Се следи периодот кој изминува за да нема сега наеднаш зголемување пред септември, односно пред почетокот на учебната година затоа што таквиот начин на однесување не само што ќе наиде на жестока реакција од страна на Владата, туку ги разгледуваме и законските можности како да се санкционираат таквите субјекти кои ќе се одлучат на таквиот тип шпекулативно, би рекол, однесување“ – Христијан Мицкоски, премиер
Лани во септември Владата ја огранични маржата за училишните материјали – 5% на големо и 10 отсто на мало. Мерката беше на сила два месеца и според анализите на надлежните со училишната кошничка била постигната заштеда по ученик од 750 до 2 илјади денари.
Истовремено, течат анализите и за цените во маркетите. Се прави математика за колку се поскапени производите чии цени и маржи беа замрзнати до крајот на април. Мицкоски вели дека во игра се неколку модели за да се заузда поскапувањето.
„Ги следиме цените во овие два месеца откако завршија мерките и правиме анализа на се она што беше ограничено за да видиме за колку наеднаш одредени правни субјекти ги зголемиле цените. Ќе излеземе пред нив со детална анализа за да им укажаме дека таков тип на однесување не само што нема да толерираме, туку и ќе ги искористиме сите законски можности што ни стојат на располагање“ – Христијан Мицкоски, премиер
Државниот завод за статистика во четврток ќе објави колкава била инфлацијата во јули. Пресметките за јуни покажаа зголемување на трошоците за 4,5 проценти во споредба со лани.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар