Македонија
9. јуни 2020 - 19:33

Владата повторно не ја послуша Комисијата - нема полициски час, туку засилен надзор

Нема полициски час во Скопје и општините каде бројот на заразени од коронавирусот е најголем. Владата на попладневната седница одлучи повторно по да не го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22 до 5 наутро.

Наместо полициски час, владата заклучила да се воведат засилени  контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

„Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки“, информираат од Владата.

Контролите како што неофицијално информираат ќе се однесуваат на групирања, недржење дистанца, носење на маски и шалови, непочитување на протоколите во маркети, пазари, кафеани, кафулиња...

Од Владата донеле и заклучок во решенијата за изолација кои ги издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат  да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона.

„Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин“, предупредуваат од Владата.

За еден месец ова е втор пат Владата да донесе одлука спротивно од препораките на Комсијата за заразни болести. Првпат беа изменети мерките за празникот Рамазан Бајрам кога наместо од сабота навечер, полицискиот час почна на празникот во 11 часот претпладне. Токму поради таа одлука според експертите следеше вториот бран од епидемијата. Вчера претседателот на Комисијата Караџовски забележа на ваквата владина одлука.