Македонија
21. February 2016 - 16:03

ВМРО - ДПМНЕ бара јавна седница на ДИК за соопштување на подготвеноста

ВМРО-ДПМНЕ ја повика  Државната изборна комисија до крајот на денот да одржи јавна седница или состанок на кој би присуствувале по најмалку двајца  членови од четирите големи политички партии, потписници на договорот од Пржино. Членот на ИК на владејачката партија Илија Димосвки смета дека на дебатата граѓаните ќе ги видат аргументите и сами да судат околу фактите дали има услови за избори на 24 април.

- На оваа средба која би било добро да се одвива во живо, пред камерите и пред јавноста, повикуваме во дебатата да се вклучат и заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Република Македонија. Би дискутирале околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година. Само на овој начин ќе бидеме убедени и ние како политичка партија и граѓаните во искреноста на целокупниот процес кој досега го водевме од аспект на неговата крајна цел, а тоа е конечен излез од кризата во која на вештачки начин беше втурната Република Македонија. Само на овој начин граѓаните од прва рака ќе ги видат аргументите и ќе може сами да судат и околу фактите и проценките, рече  Илија Димовски, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.

Од владејачката партија сметаат дека прочистувањето на списокот потребни се 2 недели.

- Според информациите кои до нас стигнаа од Државната изборна комисија и странските експерти кои работат таму, вкрстувањето на податоците, во најлош случај, со мрзлива и неодговорна работа може да се заврши за максимум 14 дена, рече Димовски. 

Димовски потенцираше дека ВМРО ДПМНЕ е крајно конструктивна и посветена на враќање на стабилноста на државата и излез од политичката криза што ја наметнала СДСМ. Димовски додаде дека неговата партија исполнила многу договори и обврски од разговорите помеѓу политичките партии меѓу кои и согласност за нов состав на ДИК за фер избори и министри за внатрешни и труд и социјала и три заменички места за СДСМ, но тие кадри како што рече за 3 месеци немале ниту еден позитивен резултат со кој можеле да се пофалат во јавснота.

- Остана да се испочитува уште крунскиот услов на договорот од јуни/јули, а тоа е одржување на предвремените парламентарни избори за кои потпишавме и гласавме во Собрание да се одржат на 24 април 2016 година. СДСМ знаат дека нивната деструктивна политика на креирање кризи нема поддршка кај народот. Затоа како што наближуваше терминот за избори, се зголемува стравот на СДСМ од соочување со граѓаните. Затоа СДСМ почна да измислува нови и нови услови за да ја држи земјава во заложништво и долготрајна криза, истакна Димовски.

Димовски од ВМРО ДПМНЕ заклучи дека Македонија очигледно е единствена држава во Европа во која опозицијата бега, плаче и моли да не се одржат избори.