Македонија
5. July 2021 - 16:53

ВМРО-ДПМНЕ на средби со политичките партии за поддршка на резолуцијата

СДСМ ќе ја прифати Резолуцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се однесува на преговарачките позиции во спорот со Бугарија, потврдија од владејачката партија. Според нив идентитетските црвени линии не смее да бидат дел од препукувања или пак, за собирање политички понени, преговори за јазикот и индетитетот со Софија нема, велат од СДСМ.

Во меѓувреме, по состаноци со ВМРО-ДПМНЕ генерална поддршка на документот дадоа и помалите коалициски партнери на СДСМ – Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП. Сепак, тие велат Резолуцијата да се дополни со уставното име на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека во документот споменати се два документи во кои се споменува старото име, но тоа е дел од цитираните документи така објавени и во службени весници.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе се сретнат и со албанскиот блок партии, но не исклучуваат средба и со СДСМ. Од ДУИ велат дека  секој обид државната позиција да се етнизира може да биде пресудна за интересите на граѓаните, но и дека спремни се за дебата.

„ДУИ смета дека треба да имаме и државна позиција која е заснована на етнички и политички консензус. Спремни сме да почнеме таква дебата“, велат интегративците.

Резолуцијата формално уште не е доставена во парламентот, но тоа електронски од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде доставена на сите пратеници. Неизвесно е дали собранискиот спикер Талат Џафери ќе го прими документот ако тој не го содржи уставното име.

Во резолуцијата е наведено дека преговорите со Софија треба да се водат на рамноправна основа, без никакво условување како и да се почитуваат сознанијата на македонските на укив во врска со автохтоноста на македонскиот народи и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.