Македонија
7. September 2020 - 16:51

ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужба за изборот на 8 пратеници, власта обвинува дека ја кочат работата на Собранието

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со тужба до Управниот суд ќе ги оспорува мандатите на 8-темина пратеници од власта што дојдоа на местото на оние кои пред изборот на влада поднесоа оставки, а чии мандати беа верификувани од верификационата комисија од конститутивната седница. 

Се работи за 7 народни избраници од коалицијата СДСМ-БЕСА кои станаа наследници на оние пратеници што заминаа во извршната власт и еден пратеник на ДУИ кој поднесе оставка поради судир на интереси.

Од власта пак, тврдат дека мандатите на пратениците се чисти и се повикуваат на претходна пракса воспоставена токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека СДСМ ја обвинува опозицијата за блокада на парламентот со тужбите за мандатите, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека токму таа го блокира Собранието бидејќи не дава предлог за работни тела кои се неопходни за да се почне со работа.

ВМРО-ДПМНЕ поднела предлог за формирање на 8-те комисии кои таа треба да ги раководи оние за финансирање и буџет, за труд и социјална политика, за земјоделие, за надворешна политика, за транспорт, за контрола врз следење на комуникациите и за контрола врз работата на Агенцијата за национална безбедност, како и Националниот совет за евроинтеграции.

Од власта велат дека договорот за работните тела речиси е завршен и дека до крајот на неделата веројатно ќе има и собраниска седница на која тие ќе се конститутираат. Велат дека немаат проблем со ДУИ за распределба на членовите во собраниските комисии.

Собранието се конституираше пред повеќе од еден месец, а Владата е изгласана пред десетина дена.