Македонија
24. September 2025 - 21:09

Во 22 општини градоначалник веројатно ќе биде избран во прв круг

Најдолгото избирачко ливче ќе се најде пред гласачите кои ќе бираат градоначалник на Град Скопје. 16 кандидати се потврдени од ДИК за претстојните локални избори. Меѓу нив има кандидати од речиси сите поголеми политички партии и коалиции. Само една е жена и таа е кандидат од опозициската СДСМ. На ова ливче тројца кандидати се независни односно поддржани од група избирачи.

Општини каде има најголем број независни кандидати се Прилеп и Битола со 4 независни и Струга со 5 кандидати потврдените на листата поддржани од група гласачи.

На овие локални избори во 22 општини гласачите ќе избираат меѓу двајца кандидати и веројатно победникот ќе се знае уште по првиот круг доколку биде исполнет цензусот. Такви се општините Берово, Богданци, Боговиње, Босилово, Валандово, Василево, Врапчиште, Градско, Делчево, Желино, Зрновци, Карбинци, Кратово, Крива Паланка, Кривогаштани, Липково, Маврово и Ростуше, Ново Село, Петровец, Пласница, Теарце и Штип.

Во 14 општини двете најголеми политички партии од македонски блок ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ немаат поднесено кандидатури за избор на градоначалници. Овие партии ќе ги нема на избирачкото ливче во Арачиново, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Желино, Липково, Пласница, Сарај, Струга, Теарце, Тетово, Центар Жупа, Чаир, општини со население кое е претежно од албанската и други етнички заедници.

Освен во овие, ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат во Куманово и Општина Центар, а СДСМ ќе ги нема на избирачкото ливче пред гласачите во Кичево.

Интересна е листата на кандидати во О. Шуто Оризари каде што владејачката ВМРО-ДПМНЕ има свој кандидат Ерџан Демир, а на истото гласачко ливче е и Шабан Салиу кој е дел од владејачката коалиција и актуелен министер без ресор во Владата.