Македонија
13. March 2026 - 10:59

Во ЕУ јавен превоз секојдневно користат 10,7 проценти од луѓето, во Македонија 9,6

Јавниот превоз, како клучен дел од одржливиот урбан транспорт во Европската Унија секојденвно го користат 10,7% од населението. Во Македонија околу 7% од луѓето секој ден користат градски автобус, 2,6% меѓуградски автобус и 0,06% воз (вкупно 9,6%). Податоците покажуваат големи регионални разлики и укажуваат дека додека во некои скопски општини околу 19% од граѓаните најчесто користат градскиот автобус, во градовите од внатрешноста главна замена за автомобилот е организираниот превоз.

Околу 10,7% од луѓето од 16 години или постари во Европската Унија користат некаков вид јавен превоз секој ден, додека над половина од луѓето – 51% не користат јавен превоз. Во Македонија над третина од граѓаниет најчесто користат автомобил, додека околу 10 проценти од луѓето на возраст од 15 години и повеќе најчесто користат јавен превоз, а дополнително над осум отсто користат организиран превоз. 

Најмногу луѓе секојдневно користат јавен превоз во Унгарија(19,6%), Швајцарија (19,2%) и Луксембург (19%). Најмалку користат во Кипар (4,5%), Италија (5,1%) и Словенија (6,2%). 

Од земјите во регионот во Албанија 16,8% од луѓето секојдневно користат јавен превоз, Бугарија – 15,3%, Србија 14,8% и Грција 6,7%.

Според податоците на Евростат, во 2024 година, 10,7% од луѓето (16 години или постари) во Европската Унија користеле некаков вид јавен превоз секој ден, 11,6% го користеле секоја недела, 10,0% го користеле секој месец, а 17,1% го користеле помалку од еднаш месечно. Од друга страна, 50,6% не користеле јавен превоз. 

Меѓу земјите од ЕУ, уделот на луѓе кои не користеле јавен превоз во 2024 година бил највисок во Кипар, со 85% од населението, по што следуваат Италија (68,0%), Португалија (67,8%), Франција (65,1%), Словенија (61,6%) и Грција (61,3%). На другиот крај од скалата се Луксембург, каде што 15,7% од луѓето не користеле јавен превоз во 2024 година, Естонија (26,6%) и Шведска (26,7%). 

Кога станува збор за луѓе што користат јавен превоз секоја недела, Луксембург регистрира најголем удел, со 23,1% од луѓето што го користат, по што следат Латвија (19,2%) и Естонија (18,2%).

Во Македонија, последниот достапен податок е за 2021 година, кога според податоците од Државниот завод за статистика, над 35% од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користеле автомобил, додека јавен превоз користеле околу десет проценти (градски автобус користат 7%, 2,6% меѓуградски автобус и 0,06% воз). 

Дополнително, над 8% до работа или училиште рекле дека користат организиран превоз. 

Во Скопје до работа со јавен превоз најчесто патуваат од Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Гази Баба, а организираниот превоз го заменува градскиот автобус во Битола, Велес, Кавадарци, Прилеп…

Според податоците за вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе според пол и видот на превозното средство кое најчесто го користи до работа или училиште, објавен со третиот сет податоци од Пописот 2021 година, во Скопје над 42% најчесто до работа или училиште одат со автомобил (38,4 најчесто како возач и 4,1 најчесто како совозач), додека на второ и трето место како најчесто превозно средство се автобус и пеш – по 13%. Само 2% користат организиран превоз, а 1,1% меѓуградски автобус.

Градски автобус најчесто користат во Шуто Оризари – 26%, Ѓорче Петров – 20% и Гази Баба – 19%, а најмалку во Центар – 4% и Карпош – 8%.

Во општина Битола 17 проценти организиран превоз, а јавен превоз користат 7,3% (градски автобус – 4%, меѓуградски автобус – 3,3%)

Во Велес 17 проценти најчесто користат организиран превоз, додека 7 проценти користат јавен превоз – по три проценти градски и меѓуградски автобус и еден процент воз. 

Над 19 проценти од граѓаните во Кавадарци и Штип до работа користат организиран превоз, а 6% автобус - по 3% градски и меѓуградски автобус во Кавадарци и 4% градски и 2% меѓуградски во Штип.

Во Прилеп 18 проценти најчесто користат организиран превоз, додека автобус 8% (5% градски и 3% меѓуградски).

 

МИА