Во Крушево почнува манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“

Со кревањето на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечер во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која стартуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.
Програмата започнува претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот пред Столбот на Крушевската Република што се наоѓа до црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, пред голем број граѓани ќе бидат пречекани Илинденските коњаници и ќе се формира поворка до платото на Гумење.
- Очекуваме од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија. Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции- вели Захарија Ангелеска од националната установа- Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“.
Делегации ќе ги посетат и ќе им оддадат почит на значајните вечни обележја: на гробот на Питу Гули на Гумење, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко на Гумење.
Во 19:30 часот пред споменикот „Илинден“ ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“.
Во 20 часот на Гумење ќе се одржи свеченото отворање на манифестацијата. Предвидени се обраќање на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – симбол на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечениот дел на Гумење, музичка програма ќе се одржува и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
- Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево- вели Ангелеска.
Централното чествување на Илинден ќе се одржи утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
МИА
Ново на Сител
-

Андоновски: Компаниите електронски можат да поднесат барање за издавање уверение од кривична евиденција од основните судови
-

Маж од Скопје загина откако врз него паднало дрво при нелегална сеча во струшко
-

Уапсен 15-годишник кој возел камион без возачка дозвола
-

Осум повредени во верижна сообраќајка помеѓу четири возила кај Битола
-

АХВ: Бугарија ги засили официјалните контроли при увоз на свежо овошје и зеленчук
-

Белорусинка пронајдена мртва во хотел во Охрид
-

Две девојки скокнале од такси во движење во тетовско, возачот не ги однел на бараната локација
-

МНРиНТ: Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици на СДСМ
