Македонија
8. August 2025 - 12:29

Во Прилеп синоќа започна одбележувањето на годишнината од Карпалак

24 години непребол и испомешани чувства на гордост, но и на тага, болка и гнев за неправдите кои бранителите ги преживеаја за целиот овој временски период.
Во Прилеп со положување на свежо цвеќе во касарната Мирче Ацев синоќа започна одбележувањето на годишнината од Карпалак кога од страна на терористите беа убиени 10 мина прилепчани. Бранители велат дека државата не им исполнила скоро ништо од барањата кои ги имале. Оние против кои се бореле сега биле на раководни функции, а на македонските бранители политичарите се потсетувале само за вакви денови.

„Само на овој ден се потсетуваат и тоа пак по наша иницијатива ако се избориме да му кажиме дека, да ова е денот кога загинаа 10 мина прилепски бранители инаку паѓа во голем заборав. Ние имаме стално барања, но како што напоменав нашите барања се сведуваат само на овој ден. Тогаш малку ќе се потсетиме, ќе се навратиме и остануваат празни ветувања“, изјави Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“ – Прилеп.

Пред спомен обележјето освен здруженијата на бранителите се поклонија и семејствата на загинатите, делегации на АРМ, Општина Прилеп, како членовите на Општинската организација на Сојузот на борците на Прилеп и политичките партии.

„Ние не потклекнуваме, трагедијата на настаните преточена во спомени и испишаните страници на историјата ќе им ги пренесуваме на поколенијата преку сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа, на мирниот сон на нашите најмлади и достоинствените вредности на човекот“, истакна потполковник Сашо Палески, командир на касарната „Мирче Ацев“ – Прилеп.

Денеска ќе биде оддадена почит на нивните вечни почивалишта, во црквата Света Петка ќе се одржи панихида, а свежо цвеќе ќе биде положено и на нивниот споменик во центарот на Прилеп. Делегации ќе ја посетат и месноста „Карпалак“ на патот Скопје-Тетово.