Во притвор заврши лицето кое ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје
Во притвор заврши 55 годишниот маж осомничен за оштетување на вратата на бугарската амбасада. На барање на ОЈО Скопје, Кривичен утрово му определи 8 дневен краткотраен притвор. Обвинителството отвори постапка за кривично дело Оштетување туѓи предмети, за кое според Кривичниот законик е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години.
На 11 јануари, осомничениот од омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, така што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се одсалечил во непознат правец.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, соопшти ОЈО Скопје
Иако вчера истражните органи потврдија дека лицето не е етнички Македонец, реакциите од Бугарија не запираат. По бугарското министерство за надворешни работи и амбасадата во Скопје, последен во низата е и лидерот на партијата Има таков народ Слави Трифонов, кој преку социјалните мрежи порача дека ваквите инциденти ја оддалечуваат Македонија од членство во ЕУ.
- Ако не сакате – во ред. Мудриот бугарски народ има соодветна поговорка: ‘Не можеш да направиш убавина со сила’. Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни написи, ќе кршите некое стакло од време на време, тајно ќе сонувате дека имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на Сончев Брег по море ако е можно, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската унија низ искривена макарона. Бидејќи, објективно кажано, токму тоа го заслужувате, напиша Трифонов.
Инцидентот вчера го осуди и македонскиот министер за надворешни работи. Според Муцунски се работи за изолиран инцидент во кој не е причинета голема материјална штета, а по брзата реакција на истражните органи инцидентот е расчистен.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
