Во Радика по светиот крст скокнаа околу 300 верници, најсреќен Милко Божиновски од Ростуше

Дваесет и тригодишниот Милко Божиновски од Ростуше го извади осветениот крст од водите на Радика, што беше положен од епископ Антаниски, г. Партениј, по повод денешниот голем христијански празник Богојавление - Водици.
- Бог се јави. Пресреќен сум. Посакувам многу здравје, среќа и радост на сите и благосостојба во државава. Посакувам и мир да завладее во светот, посака Божиновски, кому му се насмевнува среќата.
Значајна порака испрати и владиката Партениј.
- Вадењето на светот крст од водите на Радика од страна на ростушанец нека биде за благослов на сите луѓе што живеат во овој крај, благослов за растење и развој на регионот. За многу години. Нека бог ја излее својата благодат за да има на земјата многу мир, многу љубов и меѓу луѓето добра волја, порача владиката.
Овој пат имаше рекордна бројка од околу 300 верници, кои учествуваа во извлекувањето на крстот од бистрите води на реката Радика, кои најпрвин присуствуваа на Божествена Литургија во храмот посветен на Пресвета Богородица во село Ростуше, со која чиноначалствуваше владиката Партениј.
Дворот и храмот беа преполни со луѓе кои дојдоа да го прослават Богојавлението на Господ Христос, а потоа заедно со монасите и монахињите, во голема литија се спуштија до Радика, каде што се случи големото осветување на водите и полагањето на светиот крст.
На положувањето на светиот крст во водите на Радика присуствуваше и албанскиот амбасадор Денион Меидани.
По традиција тука беа и претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше. Претседателот на Советот на општината Елвир Пајкоски, од име на општината му подари телевизор а Божиновски доби и компјутер, што традиционално секоја година го доделува Хари Локвенец.
- Среќен празник на сите православни христијани во нашата општина и во нашата држава. Посакувам здравје, среќа и благосостојба во сечиј дом, посака Пајкоски.
Во рамки на одбележувањето на големите празници во Бигорски манастир вечерва во 19 часот ќе почне вечерна богослужба во чест на Свети Јован, додека утре кога се слави соборот на Свети Јован Крстител, во 6:30 Утрена и Божествена Литургија.
МИА
Ново на Сител
-

Во Дебар по крстот скокаа три дечиња, најсреќен Дамјан Стефановски
-

Сенегал во хаотично финале до своја втора африканска титула
-

Честитка од Мицкоски за Водици: Да останеме верни на вредностите, да ја градиме државата со чесност, солидарност и грижа за заедничко добро
-

Мартин Гоџо го фати крстот во водите на Охридското Езеро
-

Премиерот Мицкоски со владина делегација на форумот во Давос, фокус на економскиот раст, енергетиката и стратешките инвестиции
-

Честитка од Сиљановска Давкова за Водици: Сплотени да придонесеме за среќна и пристојна сегашност и благословена и просперитетна иднина
-

Најстудено на Попова Шапка, Битола и Крива Паланка
-

Трамп: Данска не ја елиминира руската закана по Гренланд, време е да се направи тоа
