Македонија
27. August 2020 - 12:25

Во Струмица склучени само 12 црковни бракови оваа година

Пандемијата со корона вирусот не ги одложи само семејните веселби во угостителските објекти, туку и црковните венчавки.  И покрај тоа што венчавањето во црква  е дозволено и може да се реализира  по  одредени протоколи и во кругот на најтесното семејство мал е бројот на младенци кои се одлучиле на таков чекор. Од почетокот на годината па заклучно со август во православните храмови  во градот Струмица биле склучени само 12 црковни брака или за над 80% помалку во однос на истиот период лани.

„Во споредба со минатите години воопшто е неспоредливо. Точна бројка за она колку биле закажани, колку се откажани не можам да викажам, но знам дека сите се откажани и презакажани за некаде есента, некои и за догодина дури. До први септември лани сме имале околу 90 венчавки во градот Струмица зборувам само, а за разлика од лани оваа година само 12. Вкупната бројка била 126 лани, така да ќе видиме до крајот на годината како ќе биде сето тоа“, вели отец Григориј – струмичка епархија.

Причините поради кои се одложуваат термините за црковните венчавки се најразлични.

„Има повеќе причини поради кои се откажуваат и не се извршуваат венчавките. Најверојатно затоа што некои луѓе чинот на венчавање го врзуваат и со веселбите, а знаеме дека во рестораните тоа не е дозволено да се изврши веселба во поголем број на луѓе. Струмица е познат како печалбарски крај да речеме во последните години, многу млади се иселуваат, па и тоа е една од повеќето причини дека младите не можат да се вратат да си ги извршат овие чинови на венчавање или пак нивните кумовци исто така не се во можност тоа да го направат, да допатуваат во Македонија“,вели отец Григориј.

За разлика од црковните венчавки статистиката е малку поинаква кога станува збор за граѓанските бракови. Ако на почетокот од прогласувањето на пандемијата месечно имало само една до две регистрации, последниот период има значително раздвижување во овој дел. Најголемиот број од граѓанските бракови годинава се склучени во текот на месец август, близу 50. Сите биле само со понеколку присутни  од  кругот на најтесното семејството и со примена на задравствени протоколи.