Македонија
1. December 2019 - 16:40

Во струмичко откриена нова средновековна црква во рамките на тврдина на Цар Самуил

Нова средновековна црква во струмичко. Откриена е на археолошкиот локалитет Китка над селото Банско. Црквата е едно корабна, а се наоѓа на огранок од Беласица на 500 метри надморска височина. Мал дел од објектот бил откриен пред две години, а со овогодинешните истражувања археолозите од струмичкиот завод и музеј го дефинирале целиот негов габарит . Изградена е со плочесто делкан камен, а како врзивно средство бил користен варов малтер.  Црква била фреско живописана. Со истражувањата документирани се два слоја на фрески од кои последниот е датиран од 14 век.

,, Има доста квалитетен фрескоживопис насликан од вешти мајстори и со квалитетни материјали. Успеавме да откриеме неколку ликови на светци во фрагментирана состојба, најверојатно сцени од ново заветни композициски престави и еден фрагмент на престава најверојатно на ктиторот на самата црква.,, вели  д-р ДУШКО ЦВЕТАНОВ - АРХЕОЛОГ

Археологот Душко Цветанов смета дека црквата била дел од една поголема археолошка целина бидејќи на помалку од околу стотина метри северно од неа се наоѓа тврдина со хронолошки распон од доцната антика па се до средниот век.

,, На оваа позиција дел од стручната јавност ја убицира тврдината Термица која се споменува во хрониките на Јован Скилица како една од неколкуте тврдини со кои Самуил, односно Драгумуш управувале во струмичкиот регион. Досегашните археолошки истражувања не ни потврдија активности од десети и единаесети век, но сепак станува збор за сондажни археолошки истражувања . Потребни се пообемни истражувања , односно систематски кои што мислам дека ќе ја потврдат оваа теза.,, вели ЦВЕТАНОВ

Најверојатно  оваа средновековна црква била изградена да ги опслужува духовните потреби на посадата која престојувала во тврдината, но продолжила да егзистира  и по замирањето на самата тврдина. Една од претпоставките е дека црквата била посветена на Света Богородица, но  за сега се уште нема сигурни наоди кои че го потврдат тоа.