Македонија
24. May 2025 - 16:47

Во Зрновци ќе се гради дом за стари лица со капацитет од 75 легла

Дом за стари лица ќе се гради во Општина Зрновци. Со капацитет од 75 легла треба да ги задоволи потребите на возрасното население од кочанскиот регион. Ова е од огромно значење, зашто бранот на иселување на младата популација од истокот не стивнува и за се повеќе стари лица нема кој да се грижи. 

- Очекувам дека приватниот инвеститор веќе во септември месец ќе започне со изградба и ќе имаме камен темелник, а изградбата би требало да заврши некаде за една година. Имајќи во предвид дека во регионот овие објекти се многу малку на број, мислам дека ќе успееме да ги подобриме животните усови на оваа категорија наши повозрасни граѓани. Имајќи во предвид дека нивните семејства се иселени во странство сметам дека ова ќе биде еден прекрасен капитален објект, изјави Борчо Коцев, градоначалник на О. Зрновци

Во регионот дом за стари лица има само во Берово, а останатите општини прават напори за изградба на вакви објекти. Во Штип објектот е изграден до карабина, но се чека отстранување на административната пречка за истиот да продолжи да се гради и да се стави во функција на граѓаните. Здружението на пензионери во неколку наврати потенцираше дека има обезбедено финансиски средства за да може да се догради домот кој ќе биде од големо значење за граѓаните од третата доба.

Едно од првите барања на новиот в.д. градоначалник на Општина Кочани, исто така беше за изградба на пензионерски дом, а за изградба на истиот во прва фаза се потребни 266 милиони денари.