Само 1.916 пријавени службени возила од 6.500 - институциите не ги пријавиле сите во рокот
Само 1916 службени возила пријавиле функционери и институции до ДКСК, пред локалните избори до предвидениот рок, 18 август. Според статистиката институциите расолагаат со 6.500 возила, а за да не бидат злоупотребени во предизборна кампања од страна на функционери, Владата апелираше сите кои не ги пријавиле, тоа да го сторат што е можно побрзо.
За граѓаните да може полесно да ги препознаваат службените возила на институциите и функционерите доколку прават злоупотреби, од 15 септември тие ќе имаат регистерски таблички во боја.
Сите институции што користат државни службени возила имаа рок до 18 август да ги пријават своите возила, марката, регистерскиот број и годината на производство на автомобилот.
По истекување на рокот ДКСК во следните 15 дена може да поднесе прекршочна пријава против оние институции кои не ги пријавиле службените автомобили.
Во пресрет на локалните избори пак, граѓаните почнувајќи од сабота ќе имаат увид во избирачкиот список кој ќе трае до 11 септември на полноќ.
Граѓаните во периодот од 23 август до 11 септември може да поднесат барање за запишување, измена или бришење на податоци во Избирачкиот список. Барањата се доставуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и електронски, со приложување на соодветни докази.
По завршување на увидот, МВР доставува податоци за лицата што побарале нова лична карта, за оние кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и за лица во притвор, затвор или згрижувачки установи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар