Македонија
29. May 2025 - 16:53

Вработени во Општата болница Прилеп осомничени дека украле над 2,2 милиони денари

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против И. М. и С.Ч. во својство на вработени како службеници лица во Општата болница „Борка Талески“ од овој град поради постоење на основано сомнение дека го сториле кривичното дело проневера во службата.

Односно украле пари од болницата над 2,2 милиони денари.

Имено според Финансиската полиција двајцата вработени во болницата во периодот од 01.08.2024 до 30.04.2025 година во својство на службени лица во повеќе наврати си присвоиле парични средства од благајната, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги.

-„За 2024 година пријавените зеле средства во износ од 1.508.452 денари, а за 2025 година во износ од 760.865 денари, односно, во вкупен износ од 2.269.317 денари, од кои првопријавениот И.М. противправно присвоил износ од 1.991.240 денари, а второпријавениот С.Ч. противправно присвоил износ од 278.077 денари, со што го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“, велат во соопштението од Финансиската полиција.

Од ОЈО Прилеп истакнаа дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за проневера кое работело како референт-администратор шалтерски работник во Одделение за материјално финансиско работење во болницата.

-„Иако бил должен паричните средства кои ги наплатувал од пациентите на Отсекот за медицина на трудот по основ на партиципација и приватни здравствени услуги да ги предаде на крајот на работниот ден на благајникот на болницата со приложени дневен фискален извештај, потврда од извршена наплата преку пос терминали и каса прими, осомничениот примопредавањето во благајната го вршел со контролни фискални извештаи испечатени кон средина на работното време и не ги прикажувал реално наплатените средства за тековниот ден, а вршел и сторнирање на наплатени парични средства, иако не поседувал потпис и печат од доктор по медицина на трудот“, велат од ОЈО Прилеп.

На ваков начин осомничениот за себе прибавил износ од 1.991.240 денари. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка веќе доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.