Второ одложување на судењето за сообраќајката во која загина Јорго Ќука
Второ одложување на судењето за Харис Качапор кој во ноември лани на пешачки премин, смртно го прегази поранешниот директор на ОХИС, 78 годишниот Јорго Ќука. Обвинетиот завчера останал без адвокат, па за денешното судење, новиот бранител побара време да се запознае со случајот.
„Денеска бевме сведоци на повторно одложување на судското рочиште бидејќи ден пред започнување на истото, бил ангажиран нов бранител, поради откажување на полномошното од претходниот бранител на обвинетиот Качапор. Мојот впечаток и впечатокот на обвинителството е дека се оди на беспотребно одолговлекување на судската постапка токму на ваков начин. Меѓутоа, морам да истакнам дека ние како обвинителство, наша должност е да испорачаме ефикасна правда, а видовме дека и судот е на таа линија и ваквите непотребни одолговлекувања дека нема да бидат толерирани“, изјави Елена Жакула, Јавен обвинител во ОЈО Скопје.
Судењето се одложи и на почеток на месецов бидејќи претходниот бранител на обвинетиот Качапор, бараше време да ги разгледа доказите. Сега, адвокатот на семејството на Ќука, очекува од судот повеќе да не дозволи нови одложувања.
„Барањето на новиот бранител на обвинетиот не можеме да кажеме дека е нелегитимно бидејќи е предвидено со закон, но исто така е предвидено со закон дека само еднаш може му се дозволи одложување поради промена на бранител“, изјави Јанаки Митровски, Адвокат на семејството на Ќука.
Качапор одговара за тешки дела во сообраќајот бидејќи на трети ноември лани пред мостот Гоце Делчев возејќи со 53 километри на час удрил во Ќука кој во тој период со велосипед минувал на пешачкиот премин.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
