Вучиќ бил подготвен да употреби сила за да ја задржи власта - телефонски повици го натерале да се повлече

Александар Вучиќ бил подготвен да ги оспори изборните резултати и со употреба на сила да се обиде да ја задржи власта, но се повлекол откако станало очигледно дека Студентската листа извојувала убедлива победа. Според пишувањето на британскиот весник „Тајмс“, кој се повикува на политички претставници и поранешен висок полициски функционер, одлуката следувала и по телефонски предупредувања упатени до српскиот претседател.
Според соговорниците на весникот, Вучиќ бил решен да остане на власт и по 14 години, но наводно се откажал од намерата кога станало јасно дека разликата во гласовите меѓу Студентската листа и неговата страна изнесува околу половина милион. Наводно, добил предупредувања дека евентуалниот обид за непризнавање на резултатите може да има сериозни последици.
Спасоје Вулевиќ, поранешен командант на Специјалната антитерористичка единица на Србија, тврди дека во центарот на Белград биле распоредени 4.000 полицајци и уште околу 3.000 лица кои ги опишал како бандити. Тој смета дека распоредувањето било дел од подготовките за оспорување на изборната волја.
„Немам никакво сомневање дека имал намера да одбие да ги признае резултатите“, изјавил Вулевиќ.
Загриженост за можен обид за задржување на власта со сила изразил и Сандро Гози, европратеник и претседател на Европската демократска партија. Според него, уште во текот на изборниот ден пристигнувале вознемирувачки информации од дипломатски извори.
„Во неделата добивме алармантни информации од дипломатски кругови дека Вучиќ е подготвен да се бори и да изврши државен удар“, рекол Гози.
Слични тврдења изнел и Радомир Саичиќ, еден од истакнатите кандидати на Студентската листа. Тој вели дека постоел план за употреба на сила доколку изборната трка биде неизвесна. Според неговите информации, Вучиќ се предомислил по повеќе телефонски разговори со претставници на полицијата и други влијателни кругови.
Саичиќ тврди дека на српскиот претседател му било укажано дека евентуалното спроведување на таквиот план би можело да има сериозни последици за него.
Тој посочил и дека поранешен полициски службеник, кој ги предупредил своите колеги да не употребуваат насилство врз демонстрантите и да не пукаат во нив, добил анонимна закана со зборовите: „Првиот куршум е за вас“.
Додека граѓаните гласале, во центарот на Белград биле забележани групи мажи облечени во црно, кои се движеле кон Пионирскиот парк. Таму со месеци се наоѓал шаторски камп во кој престојувале поддржувачи на Вучиќ, а кој повторно требало да биде поставен.
Вулевиќ наведува дека мажите пристигнувале во помали групи, составени од по 20 до 30 лица. Во исто време, припадници на жандармеријата заземале позиции, одредени улици биле затворени, а дел од уличното осветлување било исклучено.
Овие случувања предизвикале сомнежи дека се подготвува можност за оспорување или поништување на изборите.
Раде Ѓуриќ, адвокат на Независното здружение на новинари на Србија, смета дека властите можеби планирале да се повикаат на наводни изборни неправилности и да побараат повторување на гласањето, што би можело да предизвика масовни протести.
Според него, во утринските часови во неделата Вучиќ се чувствувал сигурен во својата позиција, а можноста за оспорување на изборите можеби била дел од однапред подготвено сценарио.
Ѓуриќ смета дека во таков случај властите можеле дополнително да го искористат евентуалното насилство како аргумент за поништување на резултатите.
Околу 21:30 часот, приближно 90 минути по затворањето на избирачките места, Вучиќ се откажал од намерата да ги оспорува резултатите. Набргу потоа, групите мажи што претходно биле забележани во центарот на Белград се повлекле.
Во јавноста потоа се прошириле непотврдени информации дека унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски го убедил Вучиќ да се откаже од таквиот потег.
Вулевиќ смета дека српскиот претседател бил изложен на силен притисок, но не верува дека пресудна улога имале полициските команданти. Според него, можно е Вучиќ да добил повици од европски влади на највисоко политичко ниво.
Портпаролката на Вучиќ ги отфрлила обвинувањата дека засиленото полициско присуство во Белград било дел од план за насилно задржување на власта. Таа тврдела дека безбедносните сили биле распоредени поради закани за насилство од страна на демонстрантите.
Гози, од своја страна, не ја исклучува можноста европски претставници да интервенирале преку телефонски разговори со цел да се спречи ескалација на ситуацијата. Сепак, според него, убедливата разлика во гласовите била клучна за развојот на настаните.
Тој оценил дека Вучиќ бил целосно изненаден од изборниот резултат, кој покажал дека поддршката за неговата политичка страна била значително помала од очекуваното.
Ново на Сител
-

Мицкоски: Очекуваме одговор од студентите за предлогот за студентскиот оброк, разговаравме и за правосудниот испит
-

Клековски на 12. турски медицински светски конгрес: Глобалните здравствени предизвици бараат заеднички одговори
-

Мерки претпазливост за приведените за милионски проневери во ФЗОМ
-

Раст на прометот со храна и горива, пад кај непрехранбените производи во септември
-

Од утре врнежи од дожд, локално пообилни
-

Четворица загинати во падот на хеликоптерот на ЕУФОР, двајца повредени во Тузла, девет во Брчко
-

Танкер во Ормуската Теснина е погоден од чамец со експлозив
-

„112 не е број за секојдневни проблеми“ - ЦУК со апел: Не ја блокирајте линијата, нечиј живот може да зависи од повикот
