За некористените и скапи акцелератори, Таравари ќе побара помош и од обвинителство
Уште колку апарати за дијагностички процедури запакувани, фаќаат прашина во подруми на здравствени установи? Изминатите години покрај донации, здравствените власти купуваа мамографи, ангиографи, магнетна и комјутерска томографија, но реакциите на пациентите дека со месеци чекаат за снимање или читање на резултат покажува дека не се целосно функционални.
Некои воопшто не проработеле а други не можат бидејќи нема соодветен кадар. По барање на Арбен Таравари, службите проверуваат со што располагаат клиниките и болниците.
Во моментот секторот за опрема во рамки на Министерството за здравство врши анализа на податоците доставени од јавните здравствени установи.
Засега е познато дека во ѓубре најверојатно ќе заврши акцелераторот во штипската болница кој не е распакуван од 2013 кога е купен, а веќе е амортизиран. Освен 2 милиони евра за негова набавка надлежните ќе платат и за отстранување.
Неизвесна е и судбината на акцелераторитер во ГОБ 8ми септември и битолската болница кои и по една деценија не се во функција за најтешко болните кои имаат потреба од зрачна терапија. За оваа апаратура и градење на бункери биле потрошени над 8 милиони евра, но со години надлежните не најдоа време да ги пуштат во погон. Таравари, во петокот во гостување во дневникот на Сител најави дека за ова ќе побараат помош и од Обвинителството.
- Треба евентуално и да размислиме дали ќе треба да има одговорност за тие што ги набавиле или тие што требале да ја изградат болницата и не ја изградиле до крај, вели Арбен Таравари, министер за здравство (05.07.2024)
Во 2022 година тогашниот министер за здравство Беким Сали најави дека ќе побара од здравствените установи со каква опрема располагаат и која не е во функција. За неколку месеци го сменија и одговор немаше. Истото го најави и неговиот наследник Фатмир Меџити, но и неговиот мандат заврши без детална анализа.
Повеќе од десет години министри и премиери се сликаа и ги промовираа акцелераторите, но пациентите зрачна терапија не добија.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар