Македонија
24. November 2023 - 12:34

Заедно со изборите, штипјани на референдум ќе одлучуваат за искористување на парите од самопридонес

Се поизвесно е дека заедно со парламентарните избори наредната година, штипјани ќе се изјаснат и на референдум за искористување на парите од самопридонесот. На тој начин ќе се заштеди, а доколку граѓаните се изјаснат позитивно, средствата ќе се искористат за промена на старата и дотраена водоводна мрежа.

- Некаде околу 1 милион евра се средства кои практично можат да се искористат. Ова се средства коишто своевремено граѓаните на општина Штип ги собирале во име на самопридонес за подобрување на инфраструктурата во градот. Досега никогаш немало политички консензус и согласност да бидат искористени. Сметам дека ќе изгубат дополнително од својата вредност доколку и овој пат не се искористат, а ние имаме горчлив проблем за кој секојдневно сведочат граѓаните- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Општината и ЈП Исар бараат и дополнителни средства преку ИПА фондовите за целосно да може да се реконструира примарната водоводна линија. Инаку, за парите од самоприодонесот се распишувани два референдуми во Штип, но ниту на еден од нив граѓаните не се изјасниле позитивно, па парите повеќе од две децении стојат замрзнати на сметка.