Законот за нефер трговски практики утре на комисија во Собрание
Антимонополската комисија да се фати за работа и да почне да го следи пазарот, бараат експертите откако завршија мерките за замрзнати цени. Професорот Ванчо Узунов вели дека таа има механизам за дебело да ги казни сите кои ја злоупотребуваат пазарната позиција.
Замрзнувањето на цените до избори, според него, не е ништо освен популизам, со оглед на тоа што кога – тогаш тие ќе мора да се одрмзнат. Вели Законот за нефер трговски практики требало да биде донесен уште многу одамна за да се заштитат цените на неопходните производи.
- Не е за се исто, дали растат цените или не. Туку за оние кои се битни за животен стандард на граѓаните и оние за кои кога ќе се качи цената не може да не ги купиш, производи или услуга. Е тие треба да се заштитат. И тоа не е прашање дали треба да биде до избори, после избори, пред избори, туку едноставно, трајна политика. Ама, сеа граѓаните што да прават во дадениот момент? Ако стварно почнат многу цените да се качуваат мислам дека ќе се реагира, ама не е убаво тоа. Другото е – Господ да ни е на помош. Што попаметно да каже човек?, вели Узунов.
Министерството за економија подготвува листа на 2.000 производи чија маржа нема да биде повисока од 10%. Производите кои ќе се најдат на оваа листа ќе станат познати дури откако пратениците ќе го донесат Законот за нефер трговски практики. Но според информации на Сител, тоа главно ќе бидат неопходни прехранбени и земјоделски производи.
Законот утре ќе оди на второ читање на Комисија во Законодавниот дом. Според наши информации, опозицијата нема да го блокира. ВМРО-ДПМНЕ се очекува да поднесе неколку амандмани за доуредување на Законот, но нивните пратеници ќе го поддржат законското решение. И тие сметаат дека се доцни со носењето на законот.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделие вели дека Законот не бил приоритет на власта. Но, говорејќи за земјоделските производи, прстот го вперува кон досегашното раководство во Министерството бидејќи смета дека морало да воспостави систем за да ги заштити и земјоделците, но и крајните потрошувачи.
- Требаше Министерството да реагира, е да воспостави систем од примарниот производител до крајниот потрошувач. Гледаме дека откупната цена на сите земјоделски производи е далеку под рентабилноста, додека граѓаните плаќаат далеку поскапи производи. Едноставно, онаа измеѓу категорија наречена трговци и маркети го користат овој простор за да ги зголемат маржите, вели Трипуновски.
И додека македонските граѓани чекаат на државата да почне да се справува со високата инфлација, соседна Грција преку четири владини мерки ги намали цените на 3.000 производи и тоа од 12 до 18%. Станува збор главно за средства за чистење, производи за лична хигиена, земјоделски производи...
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
