Македонија
9. September 2025 - 16:36

Запален автомобилот на Ѓорѓи Галетановски Чомбе, вели немал закани, ниту непријатели

Силна експлозија два часа по полноќ ги разбуди жителите на скопска Кисела Вода. Запален автомобилот на претседателот на скопската организација на СДСМ и екс директор на Зоолошка. Галетановски вели дека возилото кое било паркирано пред зградата во која живее е целосно уништено, а брзата реакција на пожарникарите спречила пожарот да ги зафати и куќите во близина.

Не добивал никави закани, па очекува полицијата да го фати подметнувачот кој бил забележан од соседите како бега.

Инцидентот го потврди и МВР. Oттаму велат дека покрај возилот на Галетановски, од пожарот биле зафатени уште два автомобили во близина. Повредени лица нема, извршен е увид и се превземаат мерки за расчистување на случајот.

Инцидентот најостро го осудија од СДСМ.

-Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи. Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат, велат од партијата.

Како прв човек на скопската градска организација на СДСМ, името на Галетановски се споменуваше како можен носител на листата на СДСМ во Град Скопје, но од партијата во последен момент одлука беше променета.

Во мандатот на Петре Шилегов во 2018та беше назначен за директор на скопската зоолошка, а оставка си поднесе во 2021ва кога градот го превзема Арсовска.