Започнува реставрацијата на црквата „Св. Атанасиј Велики“ во Габрово, обезбедени средства и изработени проекти

Oсновните проекти за реставрација на фрескоживописот на старата црква „Св. Атанасиј Велики“ во гевгелиското село Габрово веќе се изработуваат, а наскоро ќе следи и реализацијата, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на објектот кој неодамна се вброи во спомениците на културата.
По завршување на проектите ќе следи јавна набавка за архитектурата и почеток на реализацијата, која од Министерството ја најавуваат за јуни годинава, а за сите овие активности се обезбедени 720.000 денари.
Посетата на црквата министерот Љутков ја оствари заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов и митрополитот на Повардарската епархија, г. Агатангел.
Министерот за култура и туризам нагласи дека станува збор за значаен сакрален објект со вреден фрескоживопис и иконопис, кои сведочат за богатата духовна и уметничка традиција на овој крај и чија заштита ја потврдува силната определба на ресорното Министерство за унапредување на состојбите на културното наследство.
- Заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, извршивме увид во подготвителните активности за конзервација и реставрација, на фрескоживописот и архитектурата на црквата од страна на стручни лица од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица. Овој проект е резултат на заедничка иницијатива со локалната самоуправа и е пример како преку партнерство обезбедуваме долгорочна заштита на културното наследство, но и нови можности за развој на културниот туризам, изјави министерот Љутков при денешната посета.
Градоначаланикот Сарамандов потсети дека иницијативата за реставрација на старата црква произлезе од жителите на Габрово, а потоа беше прифатена и од надлежниот митрополит г. Агатангел, па што следеше одлуката на Советот на општината на која објектот се вброи во спомениците на културата.
- Посебна благодарност до Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков, за препознавање на важноста на овој проект и негова финансиска поддршка за реализација. Како градоначалник сметам дека ова е уште еден значаен потег за зачувување на нашето културно наследство, истакна Сарамандов.
Со овој проект, како што посочи тој, Гевгелија добива уште една точка на мапата и значајна локација за туристичка промоција на градот.
Црквата „Свети Атанасиј Велики“ која е изградена од неимарот Андон Китанов во 1851 година, а фрескоживописана во втората половина на 19 век од Димитар Андонов – Папрадишки, поседува нови, но и стари икони кои датираат од 1863 до 1878 година.
МИА
Ново на Сител
-

Филипче од Свети Николе: Криминалната власт ги остави граѓаните без помош, а земјоделците ги извиси
-

Младите од Прилеп ги презентираа своите бизнис идеи пред Стопанската комора
-

Термални камери ќе ги детектираат пожарите на депониите во струмичко
-

Спроведувањето на преземените обврски влегоа во заклучоците на Мешовитиот парламентарен комитет
-

Дебата „Западен Балкан во поредок што се менува, проширување, идентитет и демократски иднини“
-

Малолетници нападнале, соблекле и снимале 6-годишно дете во соблекувалната на училишната спортска сала во Кочани
-

Инспектор од АХВ барал пари за да не напише прекршок, пријавил сопственик на угостителски објект
-

12 октомври стартува „Safe city“ во Oхрид, Струга, Дебар и Кичево
