Застаре уште едно кривично дело на екс премиерот Груевски
Застаре уште едно кривично дело за кое се гонеше поранешниот премиер Никола Груевски. Тој од денеска повеќе не е обвинет за „злоупотреба на службената положба“ во случајот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но како што вели обвинителката Ленче Ристоска, прогонот за Груевски продолжува за делото „перење пари“. Заради застареноста, денеска до судот е доставено изменето обвинение, па сега судењето се враќа на почеток.
„Настапена е застареност на предикатното кривично дело, односно на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, поради истек на законските рокови за застареност и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Меѓутоа, и покрај застарениот предикат, согласно Закон и постоечка судска пракса, не постојат пречки да се гони перењето пари во овој случај за кое застареноста настапува во 2035 година. Никола Груевски и Кирил Божиновски, за нив беше активна злоупотребата и сега и за нив застаре“, изјави Ленче Ристоска, Јавен обвинител.
Ристоска денеска изјави дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ заради партиско соопштение во кое обвинителката ја нарекува „тажен симбол на неправда со државни бонуси и ѕвезда на пропаднатото СЈО. Претставка има и за премиерот кој според неа во интервју ја нарекол „медиокритет“ со клиентелистичко-политичка матрица.
„Јас ги преземам сите институционални механизми што ми се на располагање, бидејќи недозволено е кое било обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, најмалку од позиција на моќ. Да, поднесов тужба за политичката партија, за премиерот поднесов известување до Советот на јавни обвинители“, изјави Ристоска.
Судирот помеѓу премиерот и Ристоска трае подолг период откако Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур на кој беше и поранешната специјална јавна обвинителка. Ристоска е обвинител во предметите за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ заради кои е замрзнат имотот на партијата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
