Македонија
12. August 2025 - 8:57

Затворен за сообраќај патот од Брезница преку НП „Јасен“ до Македонски Брод

Поради пожар во целост е затворен за сообраќај патниот правец од Брезница преку националниот парк Јасен“ до Македонски Брод, соопшти ЈП Македонијапат“.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) иформира дека до 7:00 часот на територија на цела држава има 16 пожари на отворен простор, од кои еден е активен. Тоа е пожарот на територија на општина Македонски Брод, на повеќенаменското подрачје Јасен, каде е зафатена мешана шума.

Под контрола е пожарот во општина Кичево, меѓу селата Челопеци и Миокази, каде гореше мешана шума.

Изгаснати се 14 пожари, од кои два во општина Куманово, како и во општините Босилово, Врапчиште, Тетово, Кочани, Ресен, Ново Село, Крушево, Теарце и Прилеп. Од скопскиот регион, изгаснати се пожарите во општина Сарај, кај селата Радуша и Свиларе и во село Шишево, како и пожарот во село Арачиново, општина Арачиново.

 

МИА