Здравствените работници ќе може бесплатно да се вакцинираат против хепатитис Б

Здравствените работници и студентите на медицина и стоматологија ќе може да се пријават и бесплатно да се вакцинираат со вакцина против хепатитис Б, кои Министерството за здравство му ги донира на Институтот за јавно здравје. Двете институции денеска потпишаа договори за донација на 7.500 вакцини, со кои ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. Министерството за здравство донира и кутии за авионски и бродски транспорт на биолошки материјали.
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната заедничка прес-конференција рече дека станува збор за системска заштита со конкретни преземени мерки за заштита на здравствените работници и јавноста.
- Во овој контекст денеска потпишуваме договор за донација на вакцини од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против хепатитис Б во вкупна вредност од 123.450 илјади американски долари. Со оваа донација со три дози за лице ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици за здравјето на вработените во здравствените системи, притоа истовремено засилувајќи ја сигурносна кај пациентите - рече Алиу.
Процесот ќе биде едноставен, подготвен е електронски модул преку кој здравствените работници ќе се пријавуваат на веб-страницата на Министерството и на Институтот наредните десет дена. Вакцинацијата ќе се спроведе во Институтот за јавно здравје и во центрите за јавно здравје во државата. Министерството донира и кутии за транспорт на биолошки материјали во вредност од 2.000 долари.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека вакцините се наменети и за здравствените работници и за студентите на медицина и стоматологија. Во однос на транспортот на биолошкиот материјал, Андоновска посочи дека се намалуваат ризиците при транспортот на биолошки заразни материјали, кои се испраќаат за тестирање, третман или складирање.
- Поради оваа причина, обезбедувањето безбеден транспорт на заразените супстанции и ракувањето со нив е од интерес за локалните, националните или меѓународните власти со цел да се минимизира веројатноста за изложеност или ослободување на супстанцијата за време на транспортот - рече Андоновска.
Таа посочи дека вакцинацијата за здравствените работници и за студентите е суштинска посочувајќи на ризикот од заболувањата на црниот дроб предизвикани од вирусот што се пренесува со контакт со инфицирана крв и други телесни течности, вклучително и при повреда со остри медицински предмети. Андоновска презентира и податоци од Светската здравствена организација, според кои, на светско ниво речиси 254 милиони луѓе живеат со хронична инфекција на хепатитис Б, а годишно се регистрираат приближно 1,1 милион смртни случаи.
- Поради континуирана професионална изложеност на крв и телесни течности, здравствените работници претставуваат категорија со зголемен ризик за инфекции од вирусот на хепатитис Б. Во државата вакцината е задолжителна, но воведена е во 2004 година, постојат генерации што не се опфатени со оваа задолжителна имунизација, но исто така постои и категорија, особено здравствените работници, студентите, кои секојдневно се изложени на ризици - рече Андоновска.
Таа посочи дека некои од здравствените работници што не биле опфатени со задолжителната вакцинација морале самите да ја плаќаат вакцината по 6.000 денари комерцијално, а сега имаат можност бесплатно да ја примат и да се заштитат.
Според последните податоци од 2024, опфатот на вакцинирани е 91,3 процент, но, како што одговори на новинарските прашања, понизок е опфатот на вакцинирани родени пред воведувањето на задолжителната вакцинација.
- Кај нас постои таканаречен ризик од резидуум од хепатитис Б, особено кај невакцинираните возрасни групи, што ја засилува смислата на раното вакцинирање - рече Андоновска.
Ново на Сител
-

Станков: Кај 33 жртви од „Пулс“ пронајден цијанид – но не е причина за смртта
-

Чупиќ: Во оваа сала е многу тешко да се игра, сите не почитуваат
-

Работник тешко повреден од струен удар во Куманово
-

Кривична за четири малолетнички за ученичкото насилството Ѓорче Петров, пријави ќе добијат и нивните родители
-

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков пуштен на условен отпуст
-

Одбележани 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев
-

Мицкоски: Mакедонија има прекрасни места за летување aко ЕЕС-системот претставува проблем
-

ЦУК: Ставен под контрола пожарот во Шуто Оризари, гореше машина за мелење железо
