Земјоделците ја поздравуваат кампањата за купување македонски земјоделски производи
Новата владина кампања ,,Купувајте македонски земјоделски производи,, е важен чекор за поттикнување на домашното производство, сметаат претставниците од земјоделските здруженија.
За нив ваквите иницијативи имаат потенцијал да влијаат и директно и индиректно врз зголемување на производството на локалните земјоделски производи.
Претседателот на потсекторската група за градинарство Драги Памуков вели дека поддршката на локалното производство е поддршка на целото општество.
И покрај тоа што најголемиот дел од македонското производство е наменет за извоз, ваквата кампања може да значи и одредено олеснување на пласманот, смета Памуков. Тој додава дека на овој начин граѓаните имаат можност да добијат јасна слика за тоа што купуваат и од каде потекнува храната што ја ставаат на својата трпеза.
Кампањата ,,Купувајте македонски земјоделски производи“ има за цел да ја подигне свеста кај потрошувачите за значењето на купувањето производи со домашно потекло. Со тоа се очекува индиректно да се поттикне развојот на руралните средини и да се обезбеди поголема стабилност за земјоделците.
Претставниците од земјоделските здруженија се надеваат дека ваквите кампањи, заедно со новите мерки за поддршка на земјоделството што неодамна ги објави ресорното министерство ќе дадат резултат и ќе придонесат за поголем развој на македонскиот аграр, како и за мотивација на младите земјоделци да останат и работат во оваа гранка.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар