Земјоделците најавуваат зголемување на цените, Министерството за земјоделство ја следи состојбата

Земјоделците очекуваат зголемување на цените на земјоделските производи со оглед на тоа што најголем дел од репроматеријалите се набавуваат од Блискиот Исток. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека ја следат состојбата и доколку има потреба, ќе реагираат.
Претседателот на Националната федерација на фармери Стеванче Јорданоски пред денешното Годишно собрание на Федерацијата изрази надеж дека ресорното Министерство навреме ќе преземе мерки и ќе се активира т.н. кризен фонд со цел да се ублажат последиците од кризата.
- Со моменталното случување во светот и војната која никој не ја посакува се случија големи турбуленции на берзите на нафта, а и сите репроматеријали и ѓубрива доаѓат од тој регион. Очекуваме големи зголемувања на цените и во малопродажба. Државата односно Министерството за земјоделство треба навреме да преземе мерки како што е активирање на т.н. кризен фонд за да излезе во пресрет при набавката на репроматеријалите односно ѓубривата, рече Јорданоски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вели дека состојбата се следи секојдневно и ако има потреба, ќе интервенираат со соодветни чекори.
- Она што е важно во делот на цената на ѓубривата и на нафтените деривати, е дека како Министерство ги следиме состојбите секојдневно. Ќе видиме во каков правец ќе се движат. Доколку има потреба, нормално како Министерството ќе излеземе со конкретни мерки и предлози за санација на таквата состојба, рече Трипуновски.
Трипуновски не очекува проблеми при откупот на јагнето за кое кланиците понудиле цена од 260 денари за откуп од лице место. Пикот се очекува веќе следната недела пред Велигденските празници.
- Имавме серија состаноци на коишто присуствуваа здруженијата на одгледувачи на овци и кланичните капацитети. На последниот состанок, кланиците понудија цена од 260 денари за откуп на јагне од лице место, значи не донесено до кланица. Нормално, таа цена зависи од категоријата на јагнето кое се предава. Не очекувам да се случат некои поголеми проблеми. Доколку оваа цена се одржи во текот на откупот, со достигнување на шпицот што се очекува веќе наредната недела, можно е да има и мало покачување на цените. Ја следиме состојбата како Министерство и мислам дека сточарите ќе бидат задоволни, рече Трипуновски.
На денешното годишно собрание на Федерацијата на фармери, земјоделците како проблеми со кои се соочуваат ги посочија ниските откупни цени, недостигот на работна сила, инфраструктурата и негативните влијанија на климатските промени.
Според претседателот на Националната федерација на фармери, еден од најголемите предизвици е миграцијата од руралните средини односно половина од младите и жените ги напуштаат селата, што ја нарушува демографската и економската стабилност на овие заедници.
- Без нова генерација млади земјоделци, иднината на секторот е неизвесна. Токму затоа се потребни конкретни политики и мерки – земјоделството мора да стане атрактивна професија за младите преку подобри услови за работа, финансиски стимулации, модернизација на инфраструктурата и програми за едукација и поддршка на младите и жените во руралните средини, порача Јорданоски.
Најкритични сектори, според него, се полјоделството и сточарството. Вели овчарите се дефицитарен кадар и веќе не може да се најде овчар ниту за две илјади евра плата.
MИА
Ново на Сител
-

Системската корупција и нејзиното влијание врз евроинтеграцииете низ очите на млад истажувач
-

Тема на денот со Дарко Аврамовски, коалиција „Сите за правично судење“
-

Политичка пресметка за РКЕ: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во судир за Ацо Ристов
-

Собрание избра: Ненад Савески е нов државен обвинител
-

Поднесени 27 амандмани за законот за јавно обвинителство
-

Полицајците во контрола на Пулс, се воделе од препишан план
-

Една година затвор за насилникот што ја претепа бремената партнерка до онесвестување и ја будеше со вода за да продолжи
-

Превозот останува со иста цена, поскапеа маслото за јадење и јајцата
