Мицкоски: Mинистрите што се уморни чесно е да си одат
Функционерите кои се уморни чесно е да си одат, порача премиерот од партискиот роденден во Струмица на ден пред стартот на разговорите за владината реконструкција.
„Од утре ќе започнам да работам на оваа тема. Откако сме во финишот на екипирањето и промените кои се случија во партијата, каде што имаме околу 30 проценти нови претседатели на комитети, можам да кажам дека кога станува збор за Владата многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните, морам да признаам, со жалење, скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. И за ова зборував, на последната седница на ЦК на партијата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот.
Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме.
Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата, се додека не служи.“ – рече Мицкоски
Изминатите две години на власт Мицкоски ги оцени како мали, но сигурни чекори напред. Рече дека напредокот е побавен од очекувањата поради лошата состојба во која неговата партија ја наследила државата. Пред партиското членство и симпатизери рече дека со напорна работа, Македонија ќе забрза напред.
„Во овој краток период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа според растот на БДП како процент од истиот. Постигнавме историски рекорди над 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопати, зголемивме пензии, градиме студентски домови. За студентите, обезбедивме електронски уреди. Сето она кое што претставуваше проект, а беше заборавено од претходната влада, го реализиравме и го реализираме.“ – рече Мицкоски
Мицкоски рече дека борбата против корупцијата останува врвен приоритет на владата уверувајќи дека никој не е повластен пред законот.
„Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема.“ – рече Мицкоски
Во својот говор Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да излезе на предвремени избори порачувајќи и на опозицијата да не се сили бидејќи како што рече, тоа што го посакуваат може и да им се оствари.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
