ЗНМ и ССНМ: Потребно е целосно расветлување на сомнежите за прислушување на новинари
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско следење на новинари и медиумски работници во периодот 2019–2024 година, за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Дополнително, премиерот како и директорот на АНБ во понеделникот јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи.
Сметаме дека секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана.
Воедно потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), јасно забранува какво било незаконско следење на новинари и предвидува обврска на државите членки и земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики.
Ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини, повикуваме надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.
Очекуваме обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата.
Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки, во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите.
Потсетуваме дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија.
Речиси десет години подоцна, дел од постапките се одолговлекуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите кои беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија.
ЗНМ и ССНМ остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. За развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинари (EFJ), каде што двете организации се полноправни членки.
ЗНМ и ССНМ
Ново на Сител
-
Паркови и зеленило со предупредување: Не паркирајте под дрвја, најавено е невреме
-
МНР на БиХ денеска му го поништи дипломатскиот пасош на Додик
-
Пожар во барака на ЦУК во Куманово
-
Кривична за 18-годишен скопјанец осомничен за „убиство во обид“
-
Тошковски: Граѓаните заслужуваат полиција која ќе се грижи за нивната безбедност и благосостојба, ослободена од политички и други влијанија
-
Сиљановска Давкова за Кривичниот законик: Мора да се пополнуваат правните празнини и да се научат лекциите
-
Илјадници фалсификувани кукли Лабубу запленети во Велика Британија поради безбедносни ризици
-
Руте: Очекувам во Париз утре да се разјасни какви гаранции можеме да и обезбедиме на Украина