ЗОИ 2026 вечерва свечено ќе бидат отворени, Атанасовска и Јада македонски знаменосци

Со церемонии што ќе се одржат на четири локации, во Милано, Кортина д’Ампецо, Предацо и Ливињо, вечерва во Италија официјално ќе бидат отворени 25. Зимски олимписки игри (ЗОИ) Милано – Кортина 2026.
На ЗОИ 2026 ќе настапат околу 2.900 спортисти од над 90 земји, а четиричлениот македонски олимписки тим го сочинуваат скијачите Јана Атанасовска и Виктор Петков, како и нордијците Ставре Јада и Ана Цветановска.
Главната церемонија на свеченото отворање ќе почне вечерва во 20 часот на величествениот стадион „Џузепе Меаца“ во Милано, а паралелни церемонии ќе се одржат и во Кортина, каде македонски знаменосец ќе биде Атанасовска, а на церемонијата во Предацо македонското знаме ќе го носи Јада.
Македонскиот олимписки тим во Италија е составен од најдобрите спортисти во своите дисциплини. Најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање, 19-годишната Јана Атанасовска ќе се натпреварува во слалом и велеслалом, а во овие две дисциплини во машката конкуренција ќе настапи и 26-годишниот Петков.
Најискусниот во македонскиот состав, 27-годишниот Јада, кому ЗОИ2026 ќе му бидат трет олимписки настап, ќе се натпреварува во нордиските трки спринт и 10 км интервал старт, во кои во женска конкуренција ќе се појави и Ана Цветановска (25), на нејзината втора Зимска Олимпијада по Игрите во Пекинг 2022.
Распоредот за настап на македонските нордијци е на 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.
Натпреварите во хокеј, уметничко лизгање и трките во лизгање ќе се одржуваат во Милано, додека Кортина д‘ Ампецо ќе биде домаќин на натпреварувањата во алпско скијање во женска конкуренција, санкање, боб, скелетон и карлинг.
Трките во биатлон ќе се одржат во Антхолц, а натпреварите во скијачки скокови, нордиска комбинација и крос – кантри скијање во Вал ди Фиеме.
Во Ливињо на олимписката програма ќе бидат натпреварувањата во сноубординг и скијање слободен стил, додека Бормио ќе биде домаќин на трките во алпско скијање во машка конкуренција, како и новата олимписката дисциплина – скијачко планинарење.
Зимските олимписки игри 2026 ќе завршат на 22 февруари со свечена церемонија во античката арена во Верона.
Ново на Сител
-

Клековски: ПЕТ-скенот не е расипан, проблем е циклотронот, се прави сè што е можно побрзо да се набават суровини за него
-

Ангелов: Пожарот во Мариово повторно се активира, огнената линија се протега на 20 километри
-

НП „Шар Планина“ со апел до возачите на моторни возила да ја намалат брзината при движење низ планинското подрачје
-

Трамп ја нарече Ормуската Теснина - нова територија на САД
-

Голем кибер напад во Летонија, украдени податоци од 1,2 милиони луѓе
-

Убедлив триумф на Вардар против грчки Олимпијакос
-

Украина учествуваше во вежбите на НАТО против дронови во Летонија
-

Тошковски на централната прослава во Охрид: 34 години македонска Армија – чест, традиција и сигурност за Македонија
