Македонија
30. August 2026 - 16:29

10 пожари до пладне, на Пелистер се гаси од воздух и земја

Десет пожари на отворено регистрирани се денеска до пладне, но огнот насериозно се заканува на Пелистер. Пожарот од преспанскиот регион кој избувна вчера и навлезе во границите на Националниот парк, каде што во моментов се води борба со огнената стихија.

На терен се пожарникари, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и вработени во паркот, а во гасењето се вклучени и авионите на ДЗС и армиски хелихоптер..

„Рано утрово со дејство започна еден армиски хелихоптер со големо ведро од 3 тона, со прецизно исфрлање на водата, успеа да изгасане неколку критични точки, но, со доаѓањето на топлиот дел од денот, повторно почнаа да се појавуваат горливи точки и да се гледа чад на повеќе места“, изјави Стојанче Ангелов, Директор на ДЗС.

Ангелов демантираше дека биле повредени двајца пожарникари во гасењето на пожарот на Пелистер. Тој вели дека повреден бил возач на булдожер кој при скок од возилото најверојатно има напукнати ребра, моментално е во болница и се чувствувал добро.

Од противпожарната бригада на Битола објаснуваат дека пожарот е на тешко пристапен терен, поради што е отежнато гасењето.

„Многу лош терен, се шири и во дабова и во борова шума. Има премногу горлив материјал, лисја, иглички , покривка од речиси половина метар“, изјави Христијан Тодоровски, Командир на ТППЕ Битола.

Во гаснењето учествуваат и екипи на Националниот парк, и како што велат целта е да не се дозволи огнот да навлезе во моликовата шума.

„Кога пожарот ќе навлезе длабоко во повисоките региони, тогаш веќе не можеме да дејствуваме, затоа што станува збор за планина со алпски карактеристики“, изјави Иванчо Тошевски, Директор на НП „Пелистер“.

А, брзата интервенција на скопските пожарникари денеска спречи пожар на Водно. Се запалил автобус на ЈСП кој без патници возел во правец кон градот, но после појавата на огнот, возачот на автобусот го вратил во рикверц возилото на паркингот кај летниковецот.

Освен на Пелистер, пожари на отворено има и во реоните на Студеничани, Боговиње, Сарај и Чашка. Според податоците на Центарот за управување со кризи, таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација и мешана шума.