165 шумски пожари годинава, штетите проценети на 10 милиони евра
Заклучно со септември годинава, во земјава се регистрирани 165 шумски пожари кои зафатиле околу десетина илјади хектари разновидна шума. Иако бројот е сличен како лани, штетите се значително помали.
Според првичните проценки на ,,Македонски шуми“ тие изнесуваат околу 10 милиони евра, што е петпати помалку од минатата година.
Заменик генералниот директор на претпријатието појаснува дека овие суми не се однесуваат само на вредноста на изгорената дрвна маса, туку во пресметката влегуваат и трошоците за гасење, санација и пошумување, како и загубените функции на шумата.
Побрзата реакција и подобрата организација годинава овозможиле пожарите да бидат навреме откриени и локализирани со што се намалиле и зафатените површини. Од „Македонски шуми“ како фактор го посочуваат и поголемиот ангажман на надлежните институции.
Во делот на причините поради кои настануваат шумските пожари, и понатаму нема значителни промени. Човечкиот фактор во речиси 90 проценти од случаите е главната причина, без разлика дали станува збор за невнимание или намерно подметнување.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
