Македонија
19. November 2026 - 17:18

Истражните органи влегоа во Макстил – Се проверува дали фабриката загадува надвор од дозволените параметри

Истражните органи влегоа во Макстил.

Од рано изутрина по наредба на Јавен обвинител полициски службеници земаат примероци од почвата. Проверуваат дали фабриката загадува надвор од дозволените параметри.

Засега нема многу официјални детали од истражните органи.

Од МВР само потврдуваат дека влегле во кругот на Железара.

- Полициски службеници од Единицата за економски криминал и корупција при СВР Скопје по добиени оперативни информации и обезбедена наредба од јавен обвинител од ОЈО Скопје вршат контрола и преглед на примероци од почвата и одредени суровини за проверка на сомнение за евентуално сторени кривични дела од областа на еколошкиот криминал. По целосно завршување на активностите соодветно ќе ја известиме јавноста, вели портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Гоце Андреевски.

Сител стапи во контакт со Министерството за животна средина, но оттаму не откриваат ништо за акцијата.

Од Фабриката, пак, велат дека целосно соработуваат со надлежните служби и стојат на располагање за сите информации, документи и појаснувања што им се потребни.

- Како компанија, посветени сме на транспарентно работење и остануваме отворени за комуникација со институциите, медиумите и јавноста. Макстил поседува А-Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање и соодветно оваа дозвола компанија подлежи на контроли од регулаторот. Во интерес на точно дефинирање на состојбите Макстил ќе продолжи целосно да соработува со надлежните органи во текот на проверките, велат од Макстил.

Макстил веќе беше казнет годинава. Во март годинава компанијата се спогоди со Министерството за животна средина да плати 90 илјади евра казна поради несоодветно управување со отпадот.

Тогаш беше објавено дека до крајот на годината Макстил ќе треба да ја извезе целата филтерска прашања, која според истражувањата на „БИРН“ иако е опасен отпад, се чуваше во оштетени вреќи на отворен простор голем колку фудбалско игралиште.