Македонија
26. October 2026 - 13:43

18-годишниот Огнен кој пронајде и врати 4.000 евра доби плакета од градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска му врачи плакета на 18-годишниот Огнен Малешевски, кој викендов пронашол поголема сума пари и лични документи на улица и без двоумење ги предал во полиција.

Гоцевски го пречекал младиот сограѓанин во својот кабинет, нарекувајќи го „тивок херој“ кој со својата чесност ја воодушевил јавноста, без притоа да бара внимание или признание.

„Денешниот работен ден го започнав со прием на нашиот тивок херој Огнен Малешевски. Момчето кое со својот пример ја восхити целокупната јавност без да побара грам внимание за својот подвиг“, напиша градоначалникот на Фејсбук.

Тој истакна дека Делчево има причина да биде гордо на својот млад сограѓанин, чија постапка претставува вистински пример за чесност, одговорност и човечност.

„Капка пример вреди повеќе од река совети, а овој пример на Огнен зборува за нашето Делчево на најубав можен начин“, порача Гоцевски.

Огнен во саботата, на булеварот „Македонија“ во Делчево, пронашол лична карта и пасош, заедно со 114.000 денари и околу 2.000 евра. Наместо да ги задржи, парите и документите веднаш ги однел во Полициската станица Делчево.

Неговата постапка доби пофалби и од Министерството за внатрешни работи, од каде што оценија дека младиот делчевец покажал високо ниво на совесност и граѓанска одговорност, давајќи позитивен пример за останатите, особено за младите генерации.