Македонија
30. December 2025 - 12:15

2025-та поразителна за текстилната индустрија

Над десет конфекции само во источниот дел на државата,се затворени во годината што изминува најмногу во Штип, Кочани и Делчево. Овие податоци ја отсликуваат реалната и алармантна состојба во текстилната индустрија. Кризата во трудоинтензивните дејности кај нас директно е поврзана со влошените економски услови во Европа, како и со пренасочувањето на модните брендови кон земји со поевтина работна сила.

- Многу од модните брендови банкротираа и завршија со работа, меѓутоа голем дел од нив не го гледаат повеќе Балканот како зона во која треба да инвестираат. Се враќаат во Египет и земјите каде е поевтина работната сила. Меѓутоа, добар дел од регулацијата која се носи во ЕУ ќе им ги „затегне конците“ на брендовите кои одат таму само за сурова експлоатација, како Индија и Бангладеш, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец

Дополнителен проблем е што најголемиот дел од инвеститорите кои ги затворија конфекциите се странски компании кои немаат имот или регистрирани средства во земјава, што значително ја отежнува можноста за навремена реакција и наплата на заостанатите плати. Голем број работници останаа и без работа и без пари за сработеното.

- Беа и под кирија, немаат апсолутно ништо на нивно име, аако од УЈП отидоа заедно со трудов инспекторат, сепак тешко е за наплата, зашто не може да се продадат машините за да се исплатат платите. Моментално имаме исто затворање на фирма која брои 35 работници на неопределено работно време, се обидуваме да им се плати тоа што им следува, плати, испратнини, опремнини, бидејќи имаат долг стаж во фирмите и им следуваат 5, 6, па и 7 плати, додаде Ампева

Без посилна институционална заштита и јасни механизми за одговорност на странските инвеститори, ваквите случаи ќе продолжат да се повторуваат, оставајќи стотици семејства без егзистенција.