2,1 милион евра за изведувачите за прославата за независноста - индивидуалните хонорари тајна
Околу 2, 1 милиони евра хонорар добиле изведувачите во сите концерти од прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија. Владата го објави деталниот извештај за целата организација на вкупно 18 настани во 13 града. Во оваа сума според директорот на државна лотарија е и хонорарот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, но точната поединечна сума за него и другите 66 изведувачи остануваат тајна поради доверливоста на договорите. Настапот на Гета бил посебен, бидејќи за првпат во земјава било претставено монолит шоу, вели Климовски.
Изборот на Стардаст како компанија за организација според Климовски била завршена во еден ден и не гледал ништо спорно бидејќи имало само една понуда и таа веднаш била разгледана. Исплатата на средствата била спроведена по склучување на договорот.
Во деталниот извештај владата објави дека за сите ставки од организацијата потрошени се 5, 5 милиони евра. Во оваа сума освен за хонорарите за изведувачите и артистите, се и продукцијата за која биле издвоени 1,56 милиони евра, за логистика 951 илјада евра, за маркетинг 45 илјади евра и 870 илјади евра за хонорари за соработниците.
Според Климовски, вкупните износи се опфатени во извештајот, а исплатите биле спроведени преку системот на државата и за нив бил платен данок. Потврди дека од Лотарија биле обезбедени 300 милиони денари, а останатите пари биле обезбедени од кофинансиери. Ја повика и државната ревизија да ја провери целата организација.
Најави истраги за потрошени пари од Лотарија за 2022 и 2023та година.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
