Македонија
11. August 2026 - 16:28

34 години од усвојувањето на македонското знаме и химната на Македонија

На 11 август пред 34 години тогашниот состав на собранието на независна Република Македонија ги усвои државните симболи знамето и химната. Со закон беше утврден симболот на државното знаме со црвена основа на која во средината беше насликано 16-кракото златно жолто сонце од Кутлеш.

Знамето беше едно од најпрепознатливите симболи  на независноста во следните неколку години се до одлуката да се измени и воведе знамето 8 краци кои ќе се протегаат до рабовите во 1995година. Државното знаме како симбол низ годините наидуваше на оспорувања и дебати но со тек на време граѓаните го прифатија како свое и почнаа да се поистеветуваат со него како еден од најзначајните симболи на една држава.

Професорот Јоновски смета дека тоа е одраз на политиката пред се, но смета дека како симбол државното знаме си го заземало своето место и денес е вистински репрезент на државата. Според анкетите кои тој ги спроведува на секои три години, граѓаните во последната деценија многу повеќе го уважуваат актуелното знаме од порано.

Химната од усвојувањето во парламентот во 1992та остана непроменета. Текстот на Денес над Македонија од Владо Малески и музиката на Тодор Скаловски како химна биле веќе во употреба   а по референдумот за осамостојување на Македонија со закон била само потврдена со гласање во Собранието.

Според хералдичарите, химната никогаш не била предмет на поширока дебата во јавноста, освен повремените предлози од одредени партиски субјекти на Албанците во земјава за измени и додавање нови историски имиња.

Државните симболи беа усвоени по референдумот за независност од 8 септември 1991година и донесувањето на Уставот во ноември истата година. Македонија со овие закони ја заокружи целосно државноста како нова суверена и независна република со свои државни институции.