Loading Video...
Македонија
22. November 2026 - 17:29

Рама: Не сакам да држам лекции но уставните измени се неизбежни

„Не сакам да ви држам лекции, но не гледам друг пат до Европската Унија освен внесувањето на Бугарите во Уставот.“

Албанскиот премиер Рама на отворањето на заедничкиот граничен премин на Ќафасан рече дека Албанија никогаш нема да биде пречка за македонските интеграции.

„Додадов дека ова вето може да се отстрани со исполнување на овој услов и, секако, тешко ми е да видам друг пат, но тоа е само мое мислење. Не држам лекции никому и Албанија никогаш, ама баш никогаш, нема на кој било начин да биде пречка за членството на Северна Македонија во Европската Унија.“

Изјавата на Рама доаѓа како за објаснување за неговото интервју за бугарската национална телевизија од средината на неделата во кое рече дека ги разбира македонските стравови но и неопходноста за уставни измени.

„Ги разбирам пријателите и браќата од Северна Македонија, бидејќи поминаа низ многу. Разбирлив е стравот – ако го променат Уставот, дали со тоа ќе заврши сè или ќе се појави нешто друго? Од сопствената историја знаат дека е тешко. Затоа и нив ги разбирам, но не мислам дека има друго решение. Бугарското малцинство по право треба да биде внесено во Уставот. Тоа е неизбежно.“

Уставните измени се внатрешно прашање, рече македонскиот премиер.

„Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме и истовремено сме конструктивни и секогаш нудиме решенија за надминување на овој предизвик. За еден процес да биде позитивен, потребна е доверба, а довербата се гради преку работи и проекти што нè поврзуваат. Еден од тие проекти е токму Коридорот 8, кој ги поврзува трите земји – Албанија, Македонија и Бугарија.“

Додека Македонија е заглавена поради уставните измени Албанија веќе ги отвори сите 6 кластери и очекува да ги заврши преговорите за членство во Европската Унија до крајот на идната година.

Сепак, Тирана со месеци ја тресат масовни протести со барање за оставка на албанскиот премиер и обвинувања за негова вмешаност во корупција.