Заедничко поклонение на верниците католици во Битола со чудотворна икона од 19 век
Верниците католици од Македонија, беа на заедничко ходочестие во Битола, со чудотворната икона на Мајка Божја Утешителка Паљурска, икона која потекнува од 19 век.
Чудотворната икона на Мајка Божја Утешителка Паљурска со свечена процесија најпрвин беше пречекана во Католичката црква во Битола, „Пресвето Срце Исусово“.
Ходочесничкото патување опфаќаше и сведоштва за чудотворната моќ на иконата, историски осврт на потеклото и значењето на Мајка Божја Утешителка за Католичката црква во Македонија.
За истото зборуваа отец Зоран И. Стојанов, Барбара Вуковиќ и отец Гжегож Худек.
Потоа следуваше света миса, која ја предводеше Н.В.П. скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов, во сослужување со 20 свештеници и со присуство на чесни сестри од различни монашки заедници, како и на многубројниот верен народ. Во својата проповед епископот Стојанов, монс.
Стојанов, посебно се задржа на пораката за единството на Црквата што ја носи самата икона.
Потсетувајќи дека оваа чудотворна икона единствена го преживеала разорувањето на црквата во Паљурци за време на Првата светска војна, а преку неа низ годините мноштво луѓе ги упатувале своите молитви и прозби.
По светата литургија следуваше литија, каде што чудотворната икона на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска беше изнесена низ Широк Сокак, сè до градскиот парк во Битола.
Литија во која учествуваа сите свештеници, монашки заедници и многу верници од цела Македонија.
Секој од луѓето во Битола дојде со своја молитва и прозба, а верниците католици од Македонија со радост ќе се сеќаваат на овој ден и заедничкото ходочестие во Битола.
Ходочестието го организираа Парохијата во Битола и Светилиштето Паљурци, а токму парохот во Битола, дон Томаш Бах, истакна дека ова не е парада за да се покаже дека верниците католици постојат, ова е слушање на Божјите зборови. Одговор на Божјите желби и знакови.
Верниците имаа можност во текот на целиот ден да се помолат и поклонат пред иконата, искажувајќи и принесувајќи ги своите молитви и прозби.
-
Кирил Стојанов
Сите содржини од овој новинар
