Македонија
5. јуни 2026 - 12:14

36 милиони денари за СКАДА систем во штипски „Исар“

Современото управување со водоводните и канализациските системи станува неопходност за секое јавно комунално претпријатие. Токму затоа, во ЈП „Исар“ се имплементира СКАДА систем, современо технолошко решение кое овозможува далечинско следење и управување со клучните објекти и процеси во водоснабдувањето. Ова е еден од најзначајните проекти на град Штип, со вредност од 36 милиони денари, средства обезбедени од вториот повик на Владата за реализација на проекти од суштинско значење за Општините. 

- Освен кражбите на вода, огромни количини на преработена, филтрирана вода, се губи и поради дефектите на подземната водоводна мрежа, кои очекуваме преку овој систем да бидат контолирани и тоа практично да имаме намалување на тие загуби, а тоа во годините кои што ќе следуваат верувам дека ќе се рефлектира во финансиско подобрување на ЈП „Исар“, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Станува збор за систем кој во реално време ги следи работата на пумпните станици, резервоарите, водоводната мрежа и останатите инфраструктурни капацитети. Преку централизирана контрола, вработените можат веднаш да детектираат евентуални дефекти, падови на притисокот или прекини во снабдувањето, што овозможува побрза реакција и намалување на загубите.

- Во филтер станицата се подготвува еден командер центар каде штоп ќе биде инсталирана целокупната софтверска „паметна“ опрема која ќе го управува и контролира овој водоводен систем, изјави Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“- Штип.

Имплементацијата на СКАДА системот претставува значаен чекор кон дигитализација на комуналните услуги и модернизација на работењето на претпријатието, со крајна цел, сигурно, стабилно и квалитетно водоснабдување за сите граѓани.