Loading Video...
Свет
1. January 2026 - 16:50

40 загинати и над 100 повредени во пожар за време на новогодишна прослава во Швајцарија

Новогодишната прослава во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана заврши трагично. 40 луѓе загинаа, а над 100 се повредени во пожар што избувна во барот „Ле Констелејшн“.

Експлозијата се случила околу 1:30 часот по полноќ, во момент кога барот бил преполн со гости кои ја славеле Новата година. Очевидци раскажуваат дека пожарот започнал откако пиротехника поставена на шишиња шампањ се доближила до дрвениот таван. Огнот се проширил брзо, а за неколку секунди целиот таван бил зафатен од пламен.

Забавата се одржувала во подрумски простор, што значително ја отежнало евакуацијата. Во паника, луѓето почнале да трчаат и да се туркаат, а излезната врата била премала за големиот број присутни. Во обид да се спасат, дел од гостите кршеле прозорци за да обезбедат дополнителен излез. Во стампедото неколкумина биле повредени. Пожарот брзо се проширил и на горните катови од објектот.

- Имаше луѓе кои врескаа, а потоа луѓе лежеа на земја, веројатно мртви. Имаа јакни преку лицата - па, тоа е она што го видов, ништо повеќе. Потоа добив видеа каде луѓето се обидуваа да излезат, но се газеа едни преку други, па беше тешко да се излезе низ вратата. И имаше луѓе што викаа „помогнете ми, ве молам помогнете ни – вели сведок.

На местото веднаш пристигнале пожарникари, амбулантни возила и хеликоптери. Повредените биле транспортирани во болници низ регионот. 

Според првичните информации, жртвите се од различни земји, а идентификацијата оди тешко поради сериозноста на повредите.

Полицијата вели дека точната причина за пожарот сè уште се истражува, но првичните наоди укажуваат дека станува збор за несреќен случај. Областа околу барот е затворена.

- Потресени сме од она што се случи синоќа во Кранс. Во име на командата на кантоналната полиција на Вале, изразувам најдлабоко сочувство до жртвите и до семејствата погодени од оваа трагедија. Ги уверувам дека ја имаат нашата целосна поддршка во овие особено драматични и болни моменти – изјави началникот на полицијата на кантонот Вале, Фредерик Гислер

Се проценува дека во барот имало околу 200 луѓе, претежно млади на возраст меѓу 15 и 20 години.

Властите воспоставија и телефонска линија за помош на семејствата погодени од несреќата.

Кранс-Монтана е луксузен скијачки центар сместен во срцето на швајцарските Алпи, на приближно два часа возење од главниот град Берн.