Македонија
28. October 2026 - 14:03

580.000 евра од Германија легнале на сметка на 71-годишна жена од радовишко – со парите синот градел бесправно и купувал имот

Мајка и син од радовишко се осомничени дека не пријавиле речиси 580.000 евра добиени од Германија, со што затаиле данок од над три милиони денари. Дел од парите, според полицијата, биле искористени за бесправна градба и купување имот во Македонија.

СВР Струмица, преку ОВР Радовиш, поднесе кривични пријави против 47-годишниот И.Ј. од Радовиш и неговата 71-годишна мајка А.Ј. од селото Коџалија.

Според информациите од МВР, во периодот од 29 октомври 2019 до 2 ноември 2021 година, на девизната банкарска сметка на мајката, за која синот бил овластен, пристигнале вкупно 579.015 евра, односно 35,6 милиони денари, од физичко лице од Германија.

Иако станувало збор за значителна сума пари, двајцата не ги пријавиле средствата како приход, со што, според сомневањата, избегнале плаќање данок на личен доход.

Контролата на Управата за јавни приходи утврдила дека вкупниот износ на затаениот данок, заедно со пресметаната камата, изнесува 3.182.066 денари.

Полицијата дополнително се сомнева дека 47-годишниот радовишанец ги искористил средствата за изградба на бесправен недвижен имот, како и за купување движен имот во државата, притоа прикривајќи го нивното потекло.

Против синот е поднесена кривична пријава за „даночно затајување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „бесправно градење“, додека мајката се товари за „даночно затајување“.

Кривичните пријави се доставени до Основното јавно обвинителство Струмица.