Македонија
1. November 2021 - 16:31

710 државни функционери не доставиле анкетен лист

Познати функционери, меѓу кои пратеници, градоначалници, директори на јавни претпријатија, судии, обвинители, заборавиле во законскиот рок да достават Анкетен лист за имотот со кој располагаат до Антикорупциската Комисија. Кои се имињата, за сега не се откриваат, вкупно се 710 на број – ќе бидат објавени кога ќе ги завршат предметите. Сите ќе заработат парична казна, ако не ја платат – следува прекршочна пријава.

- Против сите лица за кои е утврдено дека во законски утврдениот рок не ја исполниле законската обврска за поднесување анкетен лист до Антикорупција, ќе им се издаде прекршочен платен налог, за сторен прекршок во членот 82 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Ова значи дека се работи по сите овие предмети, се обезбедуваат податоци онаму каде што недостасуваат, имајќи предвид дека во Служебен весник има податоци само за име и презиме, нема матични броеви, така што за сите овие лица ќе им се изработат платни налози односно ќе започне прекршочна постпака понатаму доколку не ги платат платните налози, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Сите новоизбрани државни функционери, како и оние на кои им престанал мандатот, согласно законот, во рок од 30 дена треба да достават Анкетен лист за имотната состојба. Ако не го сторат тоа, ќе заработат казна од 300 до 400 евра, која ако ја платат во рок од 7 дена, двојно им се намалува. Од ДКСК велат дека паричанта казна  е симболична – но според нив срамот за носителот на јавна функција е голем.